Кливленд и одржа кошаркарска лекција на Атланта во вториот натпревар во полуфиналето на источната конференција, победа која има двојно значење за Кавалирси поради тоа што поставија уникатен рекорд на еден натпревар и влегоа во историјата на НБА.
Леброн Џејмс и пријателите погодија импозантни 25 тројки на средбата со Атланта, па токму поради тоа не чуди фактот што на крајот славеа со преубедливи 123:98, разлика која можеше да биде и далеку поголема ако не следеше опуштање на крајот. Голден Стејт на плеј-оф натпреварот со Хјустон постави рекорд со 21 постигнати тројки на еден меч, но истиот кратко траеше благодарение на феноменалното издание на кошаркарите на Кливленд кои имаа шутерска ноќ за паметење. Џеј Ар Смит со седум постигнати тројки и вкупно 23 постигнати поени беше еден од предводниците на несекојдневната кошаркарска рапсодија, во која значајна улога не можеше да нема и Леброн Џејмс кој беше најефикасен на паркетот со постигнати 27 поени, од кои 12 со удари за три поени. Доста расположен во домашниот табор беше и Кајри Ирвинг кој исто така погоди четири тројки и мечот го заврши со 19 поени, а покрај овие тројца, барем по една тројка од редовите на Кливленд постигнаа уште седум играчи. Полуфиналната серија по водството од 2:0 на Кливленд се сели во Атланта, каде сега популарните „јастреби“ пред домашната публика ќе имаат шанса да го обелат образот и да ја вратат неизвесноста во полуфиналето. |
Thursday, May 5, 2016
Сан Антонио ја декласираше Оклахома со 32 поени разлика на првиот натпревар кој се одигра пред два дена, но изминатава ноќ "громовите" одиграа многу подобро и успеаја да израмнат на 1:1 во полуфиналната серија на Западот.
Во крајно изедначениот натпревар кој се одигра во Тексас, Оклахома на крајот славеше со минимални 98:97, победа со која успеа да направи брејк и да ја остави зад себе катастрофалната партија која навести апсолутна доминација на Спарси. Главна причина што Оклахома играше далеку подобро на вториот натпревар е будењето на Дурент и Вестбрук, играчи кои најверојатно ја имаа најслабата партија оваа сезона пред две вечери. Големите ѕвезди вечерва постигнаа вкупно 57 поени, односно Вестбрук уфрли 29 проследени со 10 асистенции и 6 скокови, а Дурент 28 поени. Непосредно пред да биде одигран вториот натпревар во „Ај-Ти“ центарот, на програмата беше и првото полуфинале во источната конференција меѓу Кливленд и Атланта, од кое како поуспешни излегоа Кавалирси. Лидер на Кливленд во петтата победа на петтиот одигран натпревар во плеј-офот беше Леброн Џејмс со 25 поени, Кајри Ирвинг постигна четири помалку, додека фантастичен беше и Кевин Лав со дабл-дабл учинок од 17 поени и 11 скокови. |
Слично како и на минатиот натпревар по повредата на големата ѕвезда, Голден Стејт докажа дека може да функционира против Хјустон и без неверојатниот Стеф Кари, а тоа најдобро го одразува конечниот резултат од петтиот натпревар меѓу овие два тима во плеј-оф серијата.
Како што се очекуваше, во отсуство на најдобриот играч, одговорноста ја преземаа Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин, играчи кои со своите одлични партии го одведоа актуелниот шампион до полуфиналето.
Томсон беше најефикасен во своите редови со 27 уфрлени поени, додека Грин придодаде со својата разновидна игра, односно 15-те поени, 9 скока и 8 асистенции.
Ако епилогот од пресметките меѓу Голден Стејт и Хјустон беше очекуван, она што навистина се смета за големо изненадување е пресвртот кој го направи Портланд. „Блејзерите“ стартуваа со негатива од 2:0 во серијата со ЛА Клиперс, но сега водат со 3:2 и се многу поблиску до пресметка со Голден Стејт откако знаеја како да ги искористат повредите на Крис Пол и Блејк Грифин.
Отсуствата на двете големи ѕвезди на Клиперси дојдоа во најлош можен период, а доволен доказ за тоа е последниот резултат од 98:108 во „Стејплс центарот“.
Интересно, изненадувањата изминатава ноќ во Америка ги продолжи и екипата на Шарлот, која успеа да слави на гостувањето кај Мајами со 88:90 по што поведе со 3:2 во серијата.
Македонскиот шампион Вардар и оваа година својот настап во Лигата на шампионите го заврши во четвртфиналето со тоа што овој пат на патот на „црвено-црните“ до Келн застана Веспрем.
Избраниците на Раул Гонзалес денеска одиграа храбар и квалитетен меч, не загубија на жешкиот терен во Унгарија (30:30), но тоа не беше доволно бидејќи на првата средба во Скопје противникот славеше со три гола разлика (29:26). Вардарци во првото полувреме во неколку наврати имаат четири гола позитива, но противникот до крајот на 30 минута таа негатива ја спушти на само два (14:12). Во вториот дел домаќините беа посмирени, не дозволија ривалот одново да се одлепи и на крајот сосема заслужено обезбедија пласман на завршниот турнир во ова натпреварување. Пет гола даде Душебаев, по четири Шишкарев и Циндриќ. На спротивната страна Илиќ беше стрелец на 9 голови. |
Денеска напладне во просториите на Ракометната Федерација на Македонија беа извлечени ждрепките за завршните турнири во ракмотните купови на машка и женска конкуренција, а она што најавува голем спектакл е фактот што најголемите ривали се избегнаа во полуфиналната рунда.
Актуелниот машки ракометен првак Вардар во полуфиналето го доби за противник тимот на Охрид, додека Металург ќе ги одмери силите со јуниорскиот тим на вардарци. Натпреварите се закажани за 13 и 14 мај, а првите луѓе на РФМ дополнително треба да одлучат кој ќе биде домаќин на завршниот турнир. Истата е ситуацијата и кога е во прашање Ф4 турнирот во женска конкуренција, со тоа што првото полуфинале го сочинуваат екипите на ЖРК Вардар и Куманово, а второто Вардар Јуниор и Металург. Завршните мечеви во женскиот куп се закажани за наредниот викенд, односно на 14 и 15 мај. |
Манчестер Сити одигра крајно резервирано и на крајот сосема заслужено испадна од Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите, натпревар кој покрај минималниот пораз од 1:0, во Англија се разгледува и од една друга страна поради бруталниот однос кој го покажала полицијата на "Бернабеу".
Доцна синоќа на социјалните мрежи стана вирално едно видео на кое се гледа како шпанската полиција немилосрдно удираше со тупаници двајца фанови на Манчестер Сити, а прекумерната сила која беше употребена за да бидат преместени од едно на друго место на трибината наиде на голема осуда меѓу медиумите во Англија кои го потенцираат лошото гостопримство на одговорните лица за безбедност на стадионот. Таблоидите застанаа во одбрана на фановите на Сити кои делуваат навистина беспомошно во дадената ситуација, образложувајќи дека сите навивачи кои пристигнуваат од Англија непотребно се третираат како хулигани и на најлош можен начин во другите земји. |
Екипата на Атлетико Мадрид е првиот финалист во Лигата на шампионите. Фудбалерите на Симеоне синоќа беа поразени од Баерн со 2:1, но поради „гол на гости“ мадридскиот тим патува во Милано.
Тренерот на Атлетико, харизматичниот Диего Симеоне повторно беше во елемент, имаше неколку конфликти со судијата и Пеп Гвардиола и 90 минути енергично реагираше покрај аут-линијата. Во самиот финиш Аргентинецот се обиде да украде време со тоа што ќе направи измена, но неговиот асистент кој што е задолжен за измените сакаше малку да почека. Тоа не му се допадна на Аргентинецот кој го удри својот помошник.
Diego El Loco - Video Dailymotion
Сепак, неговиот Атлетико успеа да издржи до последниот судиски свиреж и да се пласира во големото финале, а по завршувањето на мечот, Диего Симеоне не можеше да ги сопре солзите. ![]() |






