Thursday, May 5, 2016

Голден Стејт го дотолчи Хјустон и без Кари, Клиперси тонат без Пол и Грифин

Слично како и на минатиот натпревар по повредата на големата ѕвезда, Голден Стејт докажа дека може да функционира против Хјустон и без неверојатниот Стеф Кари, а тоа најдобро го одразува конечниот резултат од петтиот натпревар меѓу овие два тима во плеј-оф серијата.



„Воините“ го добија натпреварот пред домашната публика со 114:81, па покрај тоа што покажаа дека можат да го надокнадат отсуството на Кари, сега и дефинитивно обезбедија пласман во конференциското полуфинале откако славеа со конечни 4:1.

Како што се очекуваше, во отсуство на најдобриот играч, одговорноста ја преземаа Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин, играчи кои со своите одлични партии го одведоа актуелниот шампион до полуфиналето.

Томсон беше најефикасен во своите редови со 27 уфрлени поени, додека Грин придодаде со својата разновидна игра, односно 15-те поени, 9 скока и 8 асистенции.



Ако епилогот од пресметките меѓу Голден Стејт и Хјустон беше очекуван, она што навистина се смета за големо изненадување е пресвртот кој го направи Портланд. „Блејзерите“ стартуваа со негатива од 2:0 во серијата со ЛА Клиперс, но сега водат со 3:2 и се многу поблиску до пресметка со Голден Стејт откако знаеја како да ги искористат повредите на Крис Пол и Блејк Грифин.

Отсуствата на двете големи ѕвезди на Клиперси дојдоа во најлош можен период, а доволен доказ за тоа е последниот резултат од 98:108 во „Стејплс центарот“.



Интересно, изненадувањата изминатава ноќ во Америка ги продолжи и екипата на Шарлот, која успеа да слави на гостувањето кај Мајами со 88:90 по што поведе со 3:2 во серијата.

0 comments:

Post a Comment